article

Илинденското востание е еден од најголемите и најзначајните настани од македонската историја.

По подготовките за востание против Отоманската империја, на 2 август 1903 год. на православниот верски празник Св. Илија - Илинден, Востанието беше реализирано. Ова востание е познато како Илинденско, според денот на започнување.

Најсилен замав востанието имало во Битолскиот револуционерен округ. Востаниците пресекле телеграфско/телефонските врски и напаѓале беговски кули и поседи, месни гарнизони, разрушиле мостови. Во Преспанско бил нападанат нахискиот центар Наколец; во Демирхисарско бил нападат гарнизонот во с. Прибилци; во Костурско востаниците го нападнале аскерот во С. Вишени, градот Клисура и градот Невеска. Во Леринско биле нападнати Старо Нередски и Ниџенски. Во Охридско биле нападнати Малсија, Горна Дебарца, Долна Дебарца и Ортакол. Било нападнато и Кичево и месноста Извор. Во Прилепско најголема акција била нападот на с. Чаниште.

Крушево било ослободено со координаран напад врз касарната, поштата, општината и други објекти и во него влегол Штабот кој воспоставил воена власт и бил свикан Совет на Републиката од 60 членови. После ослободувањето на Крушево e прогласена Републиката, а Никола Карев (1877-1905) e избран за Претседател. Се формира Совет кој што ќе ја избере Владата. Таа издала документ - Крушевскиот манифест кој повикува на соживот и ги постави главните цели кон кои ќе се стреми Македонската држава по Востанието. Членови на Владата се: Дину Вангели, Георги Чаче, Теохар Нешков, Христо Ќуркчиев, Димитар Секулов и Никола Баљу.

Турските власти, изненадени од опфатноста на востанието, превзеле контраофанзива со напад на Смилево, а потоа и Демир Хисар. На 10 август 20.000 војска, проследена со артилерија и башибозук, под команда на Бахтијар-паша го опколила Крушево. Крушевските револуционери, 1200 на број, завземале одбрамнени позиции. Бахтијар-паша на 12 август побарал востаниците да се предадат, но Горското начелство го одбило барањето. По интензивното бомбардирање на градот, турскиот аскер од сите страни навлегов во Крушево наидувајќи на силен отпор. Четата на војводата Питу Гули во епска борба на Слива и Мечкин Камен изгинала до последен. Штабот на чело со Никола Карев се пробил низ турскиот кордон. Турскиот башибозук извршил колеж врз жителите на Крушево, а акцијата на чистење на востаниците низ Македонија траеле три месеци. Последиците биле катастрофални: настрадале повеќе од 16 кази со 201 населени места, изгореле 12.400 куќи, 70.836 луѓе останале без домови, избегале 30.000 луѓе од Македонија, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца. Така за жал, оваа Република траела само десетина дена.

По неуспехот на Илинденското востание драстично се променил односот на силите на штета на македонското движење: Турските војски станале се поефикасни, а македонските загуби се поголеми -- додека "врховистите" се усредоточиле на разбивање на ВМРО од внатре. Почнале дури да влегуваат грчко-андартски и српски чети во Македонија (што не било случај до 1903). Во ваква ситуација, тежиштето на борбите се префрла кон одбрана на единството на Македонците и ВМРО како и отпор против врховистите, особено од страна на Јане Сандански, а на втор план останува борбата против отоманското ропство.

Но и покрај трагичниот завршеток на ова Востание и катастрофалните последици:

  • Oслабнување на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација и нејзиниот потенцијал во иднината да се претвори во автономна македонска војска, која би агирала како независна страна на Балканот за основање на независна македонска држава во моментот на ослободување на земјите т.е. териториите кои се сеуште под Османлиска власт,
  • ослабување на целокупното македонско револуционерно движење и зајакнување на влијанието на врховните комитети т.е. т.н. врховисти и преку нив бугарското влијание во Македонија,
  • олеснување на поделбата на Македонија во 1912 помеѓу Србија, Бугарија и Грција
  • сепак тоа од денешен аспект е значаен настан за македонскиот народ, бидејќи тогаш беше прогласена првата Македонска Република, првата република на Балканот во тоа време.

    Надворешни врски


    Историја на македонскиот народ

    Илинденско-Преображенско въстание | Ilinden-Aufstand | Ilinden-Preobrazhenie Uprising | Илиндански устанак

     

    This article is licensed under the GNU Free Documentation License. It uses material from the "Илинденско востание".

    Home Pageartsbusinesscomputersgameshealthhospitalshomekids & teensnewsphysiciansrecreationreferenceregionalscienceshoppingsocietysportsworld